Прва Малореканска Летна Школа – по стапките на Дичо Зограф


По повод долгоочекуваниот настан во организација на Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, Црковниот одбор и здружението „Брзовец“ од Тресонче, Бигорскиот манастир и Општината Маврово-Ростуше, како организатори на летната школа, информираат дека активностите ќе се одвиваат во Бигорски, во црквата „Св. Ап. Петар и Павле“ во Тресонче, во Гари, Лазарополе, Дебар и во манастирот „Рајчица“. За оваа година предвидени се работни секции од доменот на историјата на уметноста, мијачката архитектура и ареалната лингвистика. Со соопштение за јавност излезе и здружението на граѓани Брзовец кое ви го пренесуваме во целост:

Соопштение:

Во годината кога се одбелжуваат 1000 години од основањето на манастирот „Св. Јован Крстител Бигорски“, ИЦКН „Цветан Грозданов“ при МАНУ, Црковниот одбор и здружението „Брзовец“ од Тресонче, манастирот „Бигорски“ и Општината Маврово-Ростуше ја организираат првата Малореканска летна школа – По патеките на Дичо Зограф.

Основната концепција на Школата е насочена кон едукативните и научно-истражувачките активности во познавањето на делото на Дичо Зограф, нашиот најзначаен зограф на XIX век, роден во 1819 год. во Тресонче, но и пошироко, во познавањето на делата и зографите од Дебарско-мијачката уметничка школа, секако, една од највлијателните во уметноста на Балканот.

Активностите на Школата ќе се одвиваат во манастирот „Бигорски“, во црквата „Св. Ап. Петар и Павле“ во Тресонче, во Гари, Лазарополе, Дебар и во манастирот „Рајчица“. За оваа година предвидени се работни секции од доменот на историјата на уметноста, мијачката архитектура и ареалната лингвистика.

Првата Малореканска летна школа – По патеките на Дичо Зограф ќе започне на 31 август 2020 со свечено отворањето на Школата во 11.00 часот, во Меморијалниот парк „Дичо Зограф“ во кругот на црквата „Св.Ап. Петар и Павле“ во с. Тресонче, во присуство на црковна делегација предводена од Епископот Антаниски Партениј, градоначалникот на Општина Маврово Ростуше, учесниците на Школата, видни гости и тресончани. Малореканската летна школа ќе трае до 5 септември. Напоменуваме, имајќи ја предвид актуелната состојба со епидемијата на Ковид вирусот, организаторите ќе ги преземат и ќе се придржуваат до сите пропишани мерки за заштита, а истото се очекува и од учесниците на Школата.

Напишете коментар